Извршниот директор на Меѓународната атлетска федерација (ИААФ), Џон Риџон, најави дека оваа година може да се тестира новиот начин на мерење на скоковите во дисциплиата скок во далечина со цел да се отстранат престапите.
„На Светското првенство минатата година во Будимпешта, третина од сите скокови беа престапи. Тоа е огромно губење време. Затоа наместо отскочна даска би вовеле зона на рефлексија, па би ги измериле скоковите од моментот на скокот до вистинското слетување. Така би се мерел секој скок со што би се зголемила натпреварувачката драма. Во моментов се уште работиме на тоа како што побрзо да ги измериме должините на скоковите, а не да чекаме од 20 до 30 секунди за нив“, изјави Риџон, кој смета дека со новото правило оваа атлетска дисциплина би станала попривлечна за гледачите.
Новото правило беше жестоко критикувано од четирикратниот олимписки победник во скок во далечина и сопственик на третиот најдолг скок во историјата (8,87 m), легендарниот Американец Карл Луис.
„За првоаприлски шеги треба да почекате до 1 април. Се чини дека ваквото размислување само го поддржува мојот став дека скокот во далечина е убедливо најпредизвикувачка атлетска дисциплина, а овој предлог треба да го елиминира токму она што ја прави таква. Тоа е како да кажете: „Дај да го зголемиме обрачот, бидејќи многу кошаркари промашуваат од линијата за слободни фрлања“, напиша Карл Луис на социјалните мрежи.