Актуелниот бранител на двојната круна во женск аконкуренција, екипата на Работнички, доведе три нови засилувања на самиот почеток на завршната фаза од домашниот одбојкарски шампионат. Работнички во моментов е на четвртото место на табелата во Втората фаза-1, но со оглед на тоа што веќе е јасно кои четири екипи ќе разигруваат за титулата, останува само да се чека финалниот распоред на табелата и двојките за плеј-офот.
Токму затоа, тимот предводен од Глигор Христов добива две интернационалки со кои ќе биде конкурентен со останатите три кандидати за двојната круна.
Првото засилување е на коректорската позиција и доаѓа од Турција. Станува збор за 22-годишната Черен Јузгенч, која во Скопје доаѓа од прволигашот Илбанк, тим кој се наоѓа на петтата позиција во една од двете прволигашки групи во турската одбојкарска елита.
Второто интернационално засилување за Работнички доаѓа од САД во името на Ејнџел Робинсон. 23-годишната Американка ќе биде засилување на блокерската позиција, а во Скопје доаѓа од Ксавиер Јуниверзити и за неа ова ќе биде прво итернационално искуство.
Третото засилување е од домашното првенство. Нов примач во Работнички ќе биде Катја Трифуновска која досега го носеше дресот на Јанта Волеј.