Традицијата во меѓусебните дуели со нашиот вечерашен противник, Полска, е на нашата страна. Во два меча против Полјаците имамем две победи во ФИБА натпреварувањата.
Станува збор за оние официјални натпревари, регистрирани во ФИБА. Во квалификациите за пласман на Европското првенство во 1999 година, на 29 ноември 1997 година, Македонија ја совлада Полска со резултат (79:72). Во натпревар во кој пред скоро 5000 гледачи, капитенот Петар Наумоски реализираше неверојатни 49 поени.
Една година подоцна, на 28 ноември 1998 година, бевме подобри од Полјаците и на нивен терен. Во Прушков, предградието на Варшава, македонскиот национален тим славеше нов триумф, сега од 61:50. Со ново извонредно издание на Наумоски, кој имаше 29 поени.
Што е поважно, со победата над Полјаците, Македонија, за првпат во својата историја се избори за место на Европското првенство, она во 1999 година кое се одржа во Франција.