Пелистер со пораз се одјави пред своите навивачи од Лигата на шампиони. Македонскиот првак не успеа да дојде до посакуваниот бод ниту во претпоследниот меч во елитното натпреварување, го запиша 13. пораз, откако беше совладан од Алборг со 28-33 (13-17).
Избраниците на Бранислав Ангеловски беа рамноправен противник до 22. минута, по која со серија на грешки го загубија чекорот, а противникот казни. Следна шанса за бод или повеќе, битолчани ќе ја имаат против Колстад на гости.
Со оглед на тоа дека Македонија го загуби директното место во ЛШ, прашање е дали следната сезона ќе имаме претставник.
Македонскиот првак добро му парираше на данскиот тим до 22-та минута, имаше и водство, но шест грешки во низа во последните осум минути пред полувремето беа причина за предноста на Алборг од три гола на одморот. Наместо Пелистер да израмни, со серија на грешки го отвори патот на противникот кон водство од 12-15 во 25 минута, притоа гостите промашија за плус четири. Бранислав Ангеловски на мечот играше со „седум на шест“, бидејќи друго решение не постоеше за противникот. На одморот резултатот беше 14-17, а половина од голвите ги постигна Филип Кузмановски.
Гостите во второто полувреме отворија со три гола во низа за 14-20 во 33-та минута. Пешевски го „скрши мразот“, по ова следуваше одлична акција на Костески и Кузмановски за 16-20. Но, Алборг зголеми на плус седум (16-23) во 37 минута. Битолчани успеаја да го стабилизираат нападот, иако гостите имаа контрола на резултатот.
На почетокот на 50. минута, Костески намали на 23-27, период во кој противникот беше со играч помалку. Сепак ова не беше доволно за да се размрдаат редовите на данскиот состав, кој без проблем го приведе мечот во своја корист.
Филип Кузмановски со девет гола беше прв стрелец, Борзаш имаше шест. На другата страна Бартхолд и Бјорнсен имаа по пет голови.