Претстојниот викенд во Скопје ќе биде завршницата на Купот на Македонија во женска конкуренција. Денеска беше одржана прес-конференција со учесниците на завршниот турнир, на која тие ги презентираа своите очекувања од полуфиналните пресметки.
Во првото полуфинале в сабота од 16 часот во СРЦ „Кале“ ќе се сретнат екипите на Баскет Кам и Крива Паланка, додека од 18:30 часот ќе се одигра и вториот полуфинален дуел меѓу скопските ривали, Вардар и МЗТ Скопје.
„Сите учесници на овој турнир ќе бидат максимално мотивирани за освојувањ ена куп-трофејот. Јас лично очекувам да гледаме три одлични натпревари. За љубителите на женската кошарка ќе можат да уживаат. Баскет Кам како лидери на табелата ќе треба да ја оправдаме оваа позиција и навистина сум оптимист за конечниот расплет на турнирот“, вели стратегот на Баскет Кам, Жаклина Стојановска.
На спротивната страна, тренерот на Крива Паланка вели дека се подготвени за предизвикот.
„Ова за Крива Паланка е второ учество во Купот. Подготвени сме да дадеме се од себе за успех“, вели Виктор Петровски, тренерот на Крива Паланка.
Во вториот дуел ќе гледаме скопско дерби, Вардар против МЗТ Скопје.
„Се надевам дека како и секоја година и оваа ќе биде неизвесно до крај. Очекувам што е можно повеќе навивачи на трибините, за да направат овој турнир да биде уште по величествен. Како Вардар, секако ќе атакуваме на освојување на купот. Во дуелите со МЗТ имавме неизвесни дуели, но се надевам дека сега ние ќе бидеме победници и ќе играме во финалето“, вели тренерот на Вардар, Александар Ашаданов.
Бранителот на трофејот, МЗТ Скопје, фаворитската улога им ја препушта на „вардарки“.
„Овој викенд треба да биде празник на женската кошарка. Куп натпреварите се без фаворити. Секој може да победи. За мене овој турнир ќе биде посебен предизвик, а Баскет Кам е прв фаворит за освојување на трофејот. Против Вардар во полуфиналето очекувам добра игра, а мислам дека Вардар ќе ја имаат малата фаворитска улога. Секако немаме намера да се предадеме, туку да се обидеме да го одбраниме купот“, смета тренерот на МЗТ Скопје, Горан Крстевски.