Македонската женска ракометна репрезентација ја чека нова пресметка против Шпанија во квалификациите за пласман за ЕП. Една од најдобрите ракометарки во нашиот состав, Сара Ристовска потенцира дека нема простор за разочарување, особено ако се земе во предвид силата со која располага „фуријата“. Верува дека Македонија ќе игра на ново Европско првенство.
„Може да кажам дека сум задоволна како го почнавме натпреварот со Шпанија. Не е нешто ново за нас да има падови за време на мечот, до одреден дел успешно париравме на една силна селекција како Шпанија. Ова беше добар меч, одлична проверка да видиме до каде сме. Шпанија е една силна репрезентација тоа го покажа и сега. Мислам дека нашите помлади репрезентативки ја добиваат заслужената минутажа. На теренот и за време на тренинзите покажуваат дека имаат допринос во нивните клубови, многу се напреднати.
Одиме чекор по чекор, нема разочарување, не чека нов натпревар со Шпанија на гости, а потоа и нови натпревари со Литванија и со Азербејџан. Го посакуваме тоа Европско првенство, верувам дека ќе се пласираме“, изајви Сара Ристовска.
Втората средба меѓу Македонија и Шпанија е закажана за 3. овој месец.