Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, изјави дека Фулам треба да му се извини на Бруно Фернандеш за видеото што го објави администраторот на нивниот профил на ТикТок, а на кој Португалецот е исмеан.
На споменатата снимка Фернандеш паѓа по ударот и покажува дека е повреден, што многу фанови го сметаа за симулација, а на ТикТок профилот на Фулам беше објавено истото видео со опис: „Драго ни е што е добро“ , што Тен Хаг го осуди, пренесува Скај.
Фулам во саботата во Манчестер го победи Јунајтед со 2:1 во натпреварот од 26. коло на Премиер лигата.
“Не знаев за ова видео. Ако го направија ова, би рекол дека не е во ред. Апсолутно не е во ред. Не е во ред клубот да дава такви изјави. Тие треба да се извинат за ова”, изјави Тен Хаг.
На натпреварот од ФА Купот во средата, стоперот на Нотингем Форест, Фелипе, го фати Фернандеш за врат, а менаџерот на Јунајтед верува дека судиите треба повеќе да го штитат во вакви ситуации.
„Тој е многу страствен и креативен играч. Тој создава најмногу шанси во Премиер лигата. Можете да видите дека противниците го таргетираат, особено по дуелот со Фулам во саботата кога противниците го удриле неколку пати и судиите го видоа тоа и не реагираше. Тогаш чувствувам дека судиите треба повеќе да го штитат“, изјави Холанѓанецот.
Тен Хаг рече дека Португалецот ќе биде подготвен да се соочи со Манчестер Сити во недела.
Фернандеш оваа сезона за Јунајтед постигна седум гола и имаше осум асистенции во сите натпреварувања.
Дербито на Манчестер во 27. коло од Премиер лигата е закажано за в недела од 16:30 часот, а домаќин ќе биде актуелниот шампион Сити.