Утре под Шара се игра големото дерби во ПМФЛ, се среќаваат Шкендија и Вардар. Два клуба кои од 2014 до 2021 просто “дрмаа“ со мак – фудбалот, само тие ги освојуваат титулите во ПМФЛ и од тогаш е тоа големо ривалство меѓу нив, без разлика кој каде е на табелата и во каква е форма.
Кога сме кај историјата просто фрапантно звучи податокот дека Вардар нема победа над Шкендија цели 6,5 години и тоа од 14.10.2017 кога славеше со 4:2.
Од тој меч па навака овие две екипи одиграле 16 средби, тука ги сметаме и оние од Купот, тука го сметаме и тој период од две години кога не играа меѓусебе зошто Вардар беше второлигаш.
На тие 16 меча тетовци славеле на 9 а на седум немало победник, гол разликата е 34:13 за Шкендија.
Ќе има ли сила Вардар утре на гости да ја прекине оваа црна серија или не? Ќе видиме утре.
Инаку вкупната традиција вели дека утрешниот меч ќе биде 65-ти меѓу Шкендија и Вардар, и тука тетовци се со подобар скор.
Имаат 26 победи, Вардар славел на 23 меча, 15 пати било нерешено а гол разликата 82:80 за тетовските “црвено-црни“.