ТФТ и Пелистер го отворија 18-то коло во Првата лига. Во „Кале“ видовме доста интересен натпревар, на крајот победата ја однесе домашниот тим, славеше со 77-66 за 12-та победа оваа сезона. Ова беше прва победа на ТФТ против битолчани после една година и два месеци.
Избраниците на Боро Смилковски мечот го добија во третата четвртина и почетокот на последната четвртина, набрзина дојдоа до двоцифрена предност. Луис со 17 поени беше прв стрелец, зад него беше Хотон со 13 поени. На другата страна Планиниќ имаше 21 поен и 14 скока.
Ова беше меч со доста промени на водството, Пелистер на почетокот на првата четвртина водеше со 10-17, на истекот на овој период беше 19-22. Во игра „падни-стани“ во следната четвртина најдобро се снајде ТФТ, на одморот имаше позитива од еден поен (34-33), но по истиот одигра доста добро.
Третата четвртина, домашните кошаркари ја добија со 17-12 за 51-43 на стартот на последната четвртина. Мијовиќ намали на 51-46, но на другата страна следеше одговор, ТФТ поведе со 60-46. Нешто подоцна во 34. минута, тимот од Тафталиџа имаше највисоки 67-50.
Пелистер успеа да намали на 11 поени разлика, дефинитивно ова беше еден од оние денови кога ништо не им одеше од рака на битолските кошаркари. На крајот поразот беше неизбежен.