Одбојкарките на Јанта Волеј вечерва го добија скопското дерби во рамките на 3. коло од втората фаза во плеј-офот на домашниот одбојкарски шампионат во женска конкуренција. Во дуел со актуелниот шампион, тимот на Јанта Волеј славеше со 3:1 во сетови и тоа со пресврт, откако Работнички успеа да поведе освојувајќи го прилично убедливо првиот сет.
Во следните два сета видовме вистинска драма со сетови кои отидоа на продоженија, но и во двата повеќе среќа и умешност имаа домашните одбојкарки, кои на крајот поведоа со 2:1 и стигнаа во четвртиот сет со полна самодоверба. Иако Работнички водеше во најголем дел од четвртиот сет, на крајот дербито им припадна на домашните, кои ја запишаа 13-тата сезонска победа и останаа цврсто на второто место на табелата.
Есенскиот првак Струмица и натаму продолжува со извонредни партии. Во градското струмичко дерби викендов, Струмица со 3:1 славеше против Наковски Волеј и ја запиша новата, седумнаесетта победа сезонава.
Прва лига (жени), Втора фаза-1, 3-то коло
Наковски волеј – Струмица жени 1:3 (17:25, 25:20, 16:25, 13:25)
Јанта волеј – Работнички Скопје 3:1 (18:25, 29:27, 27:25, 25:22)
ТАБЕЛА: 1. СТРУМИЦА (49); 2. Јанта Волеј (33); 3. Наковски В. (29); 4. Работнички (29).
Прва лига (жени), Втора фаза-2, 3-то коло
Вардар ЕМ – Фит фан волеј 1:3 (22:25, 27:25, 21:25, 22:25)
Младост УГД – Вардар жени 3:0 (25:9, 25:15, 25:10)
ТАБЕЛА: 1. Фит Фан Волеј (28); 2. Младост УДГ (20); 3. Вардар ЕМ (10); 4. Вардар 2019 (0).