Коментар на 21.коло: Битката за титулата се вжештува, во долниот дел на табелата е пекол!

2674

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Не паметиме кога во ПМФЛ било вака интересно во битката за титулата. Дури три екипи на 12.кола до крајот се сместени на само еден бод. Повеќе од јасно е дека Шкупи, Струга ТЛ и Шкендија ја вжештуваат битката за титулата во оваа 2023/24 сезона.

Не паметиме кога вака било во ПМФЛ, да дури три екипи со право се надеваат дека на крајот ќе завршат на тронот.

Следува битка до истребување што се вели. Влогот е голем, а секој гол, секој бод, секоја победа е екстра значајна.

Шкендија (42) ги искористи ремијата на Шкупи (43) на Чаир и на Струга ТЛ(42) во Кратово и сега му дојде на лидерот на бод а се израмни бодовно со шампионот.

Оние неутралните може само да уживаат.

Во среда завршува вториот круг, а потоа ќе го дознаеме распоредот во третиот круг.

Во секој случај јасно е дека ќе биде супер интересно.

Од друга страна битката за опстанок ќе биде пеколна. Во најтешка ситуација се Македонија ЃП (18) и Брегалница (20). Секако дека во наредните 12 кола работите може да се променат, но факт е дека вчера “лавовите“ направија кардинален кикс. Не само што не победија, туку загубија дома од директниот ривал, тимот на Воска.

Ова беше втор меч за Срѓан Захариевски како тренер на охриѓани и прва победа. Освои 4 бода на првите два меча како тренер на Воска.

За разлика од него Александар Васоски како тренер на Силекс уште ја чека првата победа. Минаа три кола од оваа пролетна полусезона а Васоски сеуште се нема израдувано на триумф.

Гостивар и натаму знае како треба, славеше над Брера која покажа, по двете победи на стартот, дека сепак има слабости кои тим.

На крајот да кажеме и за судењето.

Замислете што ќе беше кај нас ако случајно на еден меч во ПМФЛ се случеше она што се случи на средбата Валенсија – Реал Мадрид?

Подобро да не замислувате.

Имено пред едно две децении такво нешто се случи во Кратово на средбата Силекс – Победа. И со денови фрчеа соопштенија, закани, некој тогаш некој друг правеше дека е глув и слеп, дека не видел и не слушнал како што треба.

Така е тоа…

П.С.

Нереализираните пеналите може скапо да ја чинат Струга ТЛ и тоа како. И вчера шампионот не реализира удар од бела точка, исто како и на минатиот меч со Шкупи. Тогаш Ибраими а вчера Згуро не погоди. Ова се 4 бода за Струга ТЛ, со тие четири бода некои работи ќе беа појасни во битката за титулата. Струга ТЛ ќе имаше 4 бода предност пред Шкупи.

ПретходноБобан Грнчаров – нов тренер на Македонија ЃП
СледноЛегендата на Челзи до Роналдо: Затни си ја муцката