Пелистер се подготвува за последниот меч од Лигата на шампиони оваа сезона, му гостува на Колстад. Македонскиот првак не успеа во 13 меча да освои ниту еден бод, а сега токму на последниот дуел ќе има последна шанса да го стори тоа.
Пред дуелот, тренерот Бранислав Ангеловски имаше интересна изјава. Потенцира дека секој почеток е тежок, се наврати на времето кога Металург во првата сезона губеше по 15 гола разлика. Тој го спомена Вардар велејќи дека е државен проект, што не е случај со Пелистер.
„Играњето во Лигата на шампионите донесе многу за Битола. Години наназад слушав како се зборуваше дека и да биде Еурофарм Пелистер шампион на Македонија нема каде да игра во Лигата на шампионите. Докажавме дека тоа е невистина. Организациски извлековме повеќе од максимум од оваа сала, а навистина ми е жал што на овој натпревар патуваме без освоен бод.
Но, мора да сфатиме дека Еурофарм Пелистер е локален клуб, не е државен проект како Вардар. Би сакал тоа да се случи и со нас, па и со кој било друг клуб од Македонија. Ние го имаме најмалиот буџет во Лигата на шампионите. Во Европската лига има екипи кои имаат далеку поголеми буџети од нашиот и не ја поминаа групата.
Секој почеток е тежок. Истото беше и со Металург, кој во првата сезона губеше по 15 разлика од екипи како Загреб, Чеховски Медведи и други, а потоа размислуваше за „фајнал-фор“. Слична беше ситуацијата и со Вардар“, заврши Ангеловски.