Ангеловски со „огнени стрели“: Пелистер е локален тим, не е државен проект како Вардар!

377

Пелистер се подготвува за последниот меч од Лигата на шампиони оваа сезона, му гостува на Колстад. Македонскиот првак не успеа во 13 меча да освои ниту еден бод, а сега токму на последниот дуел ќе има последна шанса да го стори тоа.

Пред дуелот, тренерот Бранислав Ангеловски имаше интересна изјава. Потенцира дека секој почеток е тежок, се наврати на времето кога Металург во првата сезона губеше по 15 гола разлика. Тој го спомена Вардар велејќи дека е државен проект, што не е случај со Пелистер.

„Играњето во Лигата на шампионите донесе многу за Битола. Години наназад слушав како се зборуваше дека и да биде Еурофарм Пелистер шампион на Македонија нема каде да игра во Лигата на шампионите. Докажавме дека тоа е невистина. Организациски извлековме повеќе од максимум од оваа сала, а навистина ми е жал што на овој натпревар патуваме без освоен бод. 

Но, мора да сфатиме дека Еурофарм Пелистер е локален клуб, не е државен проект како Вардар. Би сакал тоа да се случи и со нас, па и со кој било друг клуб од Македонија. Ние го имаме најмалиот буџет во Лигата на шампионите. Во Европската лига има екипи кои имаат далеку поголеми буџети од нашиот и не ја поминаа групата. 

Секој почеток е тежок. Истото беше и со Металург, кој во првата сезона губеше по 15 разлика од екипи како Загреб, Чеховски Медведи и други, а потоа размислуваше за „фајнал-фор“. Слична беше ситуацијата и со Вардар“, заврши Ангеловски. 

ПретходноАтанасијевиќ: Колстад има силен тим, но ние сме подготвени за битка
СледноУ-21: Македонија посилна за Еркан Семовски, закажани две контроли во јуни со Полска и БиХ!