Пишува: Зоран Ѓоршоски
На 17 септември 2023 година Македонија ЃП со 3:0 го победи Гостивар, ништо чудно. Сепак чудно е што одтогаш па се до недела кога Гостивар игра со Вардар во меч од 23.коло, ќе минат точно 175 дена или половина година, да нема забележано пораз во меч од ПМФЛ.
Навистина неверојатно за тимот кој оваа сезона се врати во елитата по цели 10 години.
На тие 15 средби колку што одиграа играчите на Гостивар, забележани се 6 победи и 9 ремија. Вчера за малку таа серија ќе се прекинеше, но младиот Мухамед Елмас, инаку братучед на Дијамантот Елиф Елмас, со убав гол му донесе реми на својот тим од 1:1 на гостувањето кај Воска во Охрид.
И поради овие резултати сега Гостивар со право се перчи на 4. место на табелата зад “големата тројка“ во ПМФЛ составена од Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија.
Секоја чест за Гостивар, клуб кој што има намера следната сезона да атакува и на титулата во ПМФЛ.
Останува да видиме како ќе се одвиваат работите.
За разлика од Гостивар кој урива рекорди, на Александар Васоски, еден од нашите најдобри тренери, никако да му тргне со Силекс.
Еве вчера се одигра четвртото пролетно коло а Васоски откако е на клупата на кратовци сеуште се нема израдувано на победа. И не само на победа, неговиот тим на сите четири средби во ПМФЛ откако е тој тренер, не успеал да постигне ниту гол.
Вардар вчера го доби соседското дерби бр.75 на Маџари, но со многу, многу среќа. Имено Работнички беше подобар, имаше три зицери, ја погоди и стативата, тимот на Гоце Седлоски целосно домнираше на ова скопско дерби по ораницата на Маџари, но Вардар победи.
Со еден шут и тоа од корнер, Вардар ги освои сите три бода и тоа благодарение на голот на Глишиќ, но повеќе на голманот Гачевски кој беше херојот на Вардар кој просто ги излуде играчите на противникот.
Така е тоа во фудбалот, не секогаш победува подобриот туку посреќниот.
Тиквеш продолжува позитивно да изненадува, тренерот Мојсов и неговите играчи прават чуда оваа сезона во ПМФЛ.
Брегалница е “жива“, освои голем бод против Шкупи, а Бобан Грнчаров нема по добро да го памети своето деби како тренер на Македонија ЃП, тој и неговите “лавови“ беа поразени во Струга од шампионот.
П.С.
Ремијата на Шкупи и Шкендија во Кавадарци и Струмица на најдобар начин ги искористи шампионот, кој како лидер влегува во третиот круг, во тие последни 11 кола. Најважно за Струга ТЛ е што сега самата си решава за својата судбина а во последното коло, кое може да биде решавачко за титулата ќе игра со Шкупи на свој терен во Струга, претходно ќе и гостува на Шкендија. Додека Шкупи ќе ја дочека Шкендија на Чаир во финишот на оваа сезона.
Пеколно и супер интересно ќе биде во битката за титулата оваа пролет, во тие последни 11 кола.