Страшната глетка во саботата и тешката повреда на една од одбојкарките на „Универзитет Тетово“, не влијаеа во Одбојкарската федерација на Македонија од каде лесно и без многу емоции одлучија прекинатиот натпревар да биде регистриран со службени 3:0 за ОК “Фламинго волеј“.
Тоа е одлуката на надлежните органи во федерацијата за натпреварот од Втората лига во саботата кој беше прекинат откако гостинска одбојкарка во обид да спаси поен на домашната екипа заработи страшна повреда. При лизгачкиот старт парче од паркетот се заби во нејзиниот стомак по што следеше хорор повреда и лекарска интервенција во најблиската поликлиника.
За да биде целата оваа ситуација уште пострашна, организаторот на натпреварот е казнет со парична казна од 4.000 денари затоа што не обезбедил сала со нормални услови за игра. Од крајност во крајност и од глупост во глупост.
Покрај повредата која за среќа е санирана и без последици, хорор е и во самата постапка на федерацијата чии што одлуки не се во доменот на „фер плејот“. Наместо да се побара преигрување на средбата, се носи одлука за службени 3:0.
Би било нечовечки и фатално ако некој се радува на ваква победа, после една таква фатална повреда на противнички играч… Згора на тоа „Универзитет Тетово“, се казнува и со парична казна од 10.000 денари за недоигрување на натпреварот.
А федерацијата и со трета одлука ги потврдува своите „мали“ игри со тоа што го прифаќа одлагањето на дуелот кој требало да се игра по женскиот натпревар со образложение дека салата не била оспособена за натпревар. Од една страна нема преигрување и има службени 3:0 а потоа потврдени одлагањето и неодигрување на другиот натпревар во истата сала во Радишани.
Некои работи нечовечки и неспортски не може да се искоренат во оваа наша држава а посебно не во спортот и спортските федерации. Станува збор за деца, девојчиња кои сакаат да спортуваат и спортуваат но ваквите одлуки само ги бркаат надвор од клубовите, од салите…