Австриецот Штефан Крафт, кој е и лидер во генералниот пласман на Светскиот куп во ски-скокови, ја постигна 11-та победа сезонава и 41-ва во кариерата, славејќи денеска во митскиот Холменколен над Осло.
Крафт доминираше во првата серија со скок од 132,0 метри, додека во втората скокна 133,0 метри со што си обезбеди вкупно 255,0 поени. Норвежанецот Кристофер Ериксен Сундал го освои второто место со 8,8 поени помалку, односно скокови од 127,5 и 131,0 метри, додека трет заврши Австриецот Јан Херл со 242,5 поени (127,5 и 129,5 метри).
Во вкупниот поредок, Крафт сега има 1678 поени, 296 повеќе од вториот, Јапонецот Рјоју Кобајаши, кој остана без поени поради лошиот скок во првата серија.