Островот се тресе: Јирген VS Пеп, дуел на генијалците! Дали за последен пат?

285

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Кога во пресрет на едно големо, на една мега – дерби, во кое можеби ќе се решава и за титулата во Премиерлигата, се говори повеќе за тренерите или менаџерите ако сакате, тогаш се знае дека ова ќе биде спектакл, ова ќе биде и повеќе од тоа.

Попладне од 16:45 часот во меч од 28.коло во најсилната лига во светот на „Енфилд“ се среќаваат Ливерпул и Манчестер Сити.

Уф, тоа е дуел меѓу двата тима кои играат најспектакуларен фудбал во светот наназад повеќе години.

И замислете, светските медиуми не се занимаваат со Салах, Ван Дајк, Халанд, Де Брујне…туку со двата генијалски фудбалски умови на клупите.

А тоа се Јирген Клоп и Пеп Гвардиола. Ова ќе биде нивни 30. меѓусебен дуел и можеби последен во Англија, ако се знае дека по завршувањето на сезоната Клоп  си оди од Ливерпул. Можеби само уште во финалето на ФА Купот да се сретнат. Менаџери кои ја променија историјата на Ливерпул и Сити, можеби и историјата на фудбалот.

Само Клоп во светот на фудбалот има подобар скор од Пеп, 12 победи, 11 порази и 6 ремија во тие 29 меѓусебни мечеви. Тука се сметаат дуелите кога и двајцата беа во Дортмунд и Баерн Минхен. Ете, тоа нешто значи.

Харизматичниот Германец кој во мај си оди од “Енфилд“ стана икона на “Редси“,тој им ја врати старата слава. А Каталонецот од Сити направи клуб кој е страв и трепет за сите во Европа.

Клоп со својот “Гегенпресинг“, со своите емоции на клупата, просто го “збудалува“ фудалскиот свет веќе 15 години. Стана “марка“, стана бренд кој сите ние фудбалски фанови му се поклонуваме.

Пеп Гвардиола направи револуција во фудбалот. Сега секој тренер во светот сака да го “имитира“, сака да игра висок пресинг и да има посед што повеќе може. И двајцата имаат титули и титули, и двајцата имаа пехари во Лигата на Шампионите.

Двајцата генијалци не кријат дека нивното ривалство е спортско, фер, знаело да има „чарки“, но не кријат дека имаат респект кон другиот.

Имало и ќе има и поголеми тренерски ривалства, но ова меѓу Јирген и Пеп одбележува еден период во кој сите ние фудбалски фанови сме среќни што живееме во нивно време. На Германецот и Каталонецот, на двата најгенијални фудбалски умови во оваа деценија.

И, да, Ливерпул VS Манчестер Сити. Да, големо, мега – дерби.

Но извинете „црвени“ и “сини“, денеска поинтересно од вас ќе биде дуелот меѓу Јирген и Клоп. Можеби за последен пат…иако тоа е исто. Кој и да победи ќе го величаме едниот.

Пеп е најдобриот менаџер во светот“ ќе рече Клоп за својот лут ривал.

Јирген ме прави да бидам уште подобар, да напредувам во својата работа“ ќе возврати Пеп.

Ете тоа се двајцата фудбалски генијалци, фудбалски џентлмени, господа…

ПретходноДерби во Автокоманда: Алкалоид и Вардар 1961 го затвораат викендот!
СледноФОТО НА ДЕНОТ: „Чкембари“ и „Лозари“ приказна која трае…