Во меч од 23.коло во ПМФЛ или прво во “третиот круг“, денеска на Грдскиот стадион во Струга, шампионот ја дочекува Брера. Тим кој што оваа пролет игра добро и од можни 12 бода, освои седум и колку толку избега од дното на табелата.
Струга ТЛ во пресрет на ова коло е лидер, има бод предност пред Шкупи и два пред Шкендија.
Јасно им е на сите во таборот на шампионот дека само со победа денеска, меч кој почнува во 14 часот, ќе останат и натаму на првото место на табелата.
Ванѓел Згуро, офанзивниот бек на шампионот во пресрет на денешниот меч изјави:
“Едвај чекаме да почне мечот. Сакаме да покажеме дека сме подобри од Брера и да ги освоиме трите бода. Јас се надевам дека не само по денешното коло ќе останеме на првото место туку и првенството ќе го завршиме на тоа место и со тоа да освоиме и нова титула. Брера е добар тим, единствен против кого немаме победа оваа сезона. Токму тоа ни дава уште поголем мотив за добра игра и за победа“ заврши интернационалецот од Албанија.