Тинекс Пролет секогаш настојува на ферплеј и борба за бодовите на теренот, но како клуб сме апсолутно разочарани од случувањата на последните натпревари и арбитражата на судиските двојки против Бутел, Еурофарм Пелистер и против Охрид.
Серијата судиски кражби почна со градската пресметка со Бутел, која успеавме да ја добиеме и покрај огромните подароци што судиите Кркачев и Колевски им ги даваа на нашите противници. Така, гостите имаа седум седмерци, ние ниту еден, на нашите ркаометари им беа покажани дури девет исклучувања, наспроти само две на противникот. И покрај сето тоа, Тинекс Пролет покажа карактер и успеа и покрај судиските неправди да стигне до победата.
Гостувањето во Битола против шампионот Еурофарм Пелистер беше меч на кој отидовме без пресериозни амбиции, но избраниците на тренерот Јовиќ одиграа извонреден меч што беше решен во самиот финиш, кога судиите Седлоски и Ангелески во завршните десет минути имаа шест грешки на штета на нашиот клуб. Битолчани, кои се сериозен колектив и не им е потребна ваква помош, изведоа 11 пенали со кои во завршницата го скршија нашиот отпор.
Чашата со незадоволство беше прелиена на последниот меч со Охрид, на кој од страна на судиите Металари и Николовски (не)намерно беа направени неверојатни 18 грешки на штета на нашиот тим.
Деморализирачки е клуб што со години работи напорно на создавање на квалитетна база на домашни ракометар, да се соочува со вакви судиски грабежи кои оставаат црна дамка на нашиот спорт.
„Ова веќе станува ненормално. Од натпревар во натпревар судењето е се покатастрофално за Тинекс Пролет. Она што го правеа судиите со Бутел, а успеавме да победиме, како да беше најава за сето она што ни се случуваше на последните две средби. Едно е да постои одредена погрешна проценка, две-три судиски грешки се нешто сосема нормално на секој натпревар, но 18 на еден дуел како овој со Охрид. Дефинитивно, ние сме сведоци на судиски криминал кој ја минува секоја граница и сметаме дека мораме да реагираме бидејќи ако овој тренд продолжи, ракометниот спорт ќе почне да тоне. Свесни сме за своите квалитети и веруваме дека (особено на домашен терен) можеме да се носиме со секого. Јавно прашуваме, зошто послабиот да не може да го победи посилниот, само затоа што судиите така ќе одлучат, секогаш во корист на финансиски помоќните клубови, а на штета на ракометниот спорт“, вели Сашо Огњеновски, директорот на Тинекс Пролет.
Веднаш по мечот со Охрид раководството на Тинекс Пролет најави жалба, што сепак не беше испратена.
„Тоа е главниот проблем, што судиите се неказниви и како такви сите нивни грешки се ставаат под тепих. Па сведоци бевме ланската сезона на катастрофална грешка на истиот судиски пар, Металари – Николовски, на нашиот дуел со Бутел. Тогаш ние за доброто на ракометот настапивме во спортски дух, за тие судии сезонава да продолжат во ист стил, дури и полошо делејќи ја правдата на нашите натпревари. Не гледаме потреба да се жалиме кога никој не казнува судии. Нив ги делегира комисија, од која едниот член е активен судија, а другиот е активен делегат, меѓу другото и татко на еден од спорните судии за нас. Тоа е причината поради која не поднесовме жалба, кој може да ги казни и кој воопшто треба да ги казни. Не гледаме поента со регуларни жалби, па наместо тоа, решивме како клуб со видео-записи да ги објавуваме сите судиски грешки на нашите натпревари, како доказ за криминалите против Тинекс Пролет. Секоја наредна кражба ќе ја објавуваме на ист начин, преку нашата веб-страница и профилите на социјалните мрежи, за целата јавност да биде сведок на матните игри на штета на нашиот клуб. Сакам да потенцирам, во македонскиот ракомет има и исклучително квалитетни судиски парови кои професионално и достојно си ја вршат работата и вистинска штета е што нашиот спорт станува заложник на само неколку двојки кои си земаат за слобода да го кројат изгледот на табелата. За доброто на ракометот, тоа мора да престане“, порачува Огњеновски.
За крај, како клуб порачуваме и дека секој следен сличен криминал на штета на Тинекс Пролет ќе биде испратен и до ЕХФ, бидејќи станува збор за судии со значки од европската ракометна федерација, која сметаме дека треба да биде известена за интегритетот на овие лица и делењето на ракометната (не)правда на натпреварите од домашната сцена.
Во прилог, видео-компилација од дел од судиските грешки на арбитрите на дуелите со Еурофарм Пелистер и со Охрид, сите на штета на Тинекс Пролет…