Пишува: Зоран Ѓоршоски
И дефинитивно Шкендија “поткашлува“. Најбогатиот клуб во ПМФЛ вчера не успеа на свој терен да слави против една Воска. Бадијала шансите, зицерите, пеналот, но вчера Шкендија не му можеше ништо на “својот“ Костадин Захов кој е херојот на тимот од Охрид. Како ли само бранеше под Шара.
Легендата на Шкендија, оваа зима од Тетово се пресели во Воска и вчера покажа дека во фудбалот нема и не смее да има емоции.
Само тој е виновен што мечот заврши со резултат 0:0. Дали токму Захов и го “украде“ сонот на Шкендија за нова титула? Петта во својата историја! Ќе видиме на крајот.
Бранеше како во најдобрите денови, во 80.минута го одбрани и ударот од белата точка на Чинари, фановите на Шкендија просто не веруваа што се случува на теренот. Како тоа една Шкендија не може да ја победи Воска која одигра сосема коректно.
И сега по тие вчерашни 0:0, Шкендија има -4 бода пред лидерот Струга ТЛ и -3 пред вториот Шкупи.
Секако дека има уште многу да се игра, десет кола има до крајот, но тетовци овие два загубени бода може скапо да ги чинат, посебно ако се знае дека во сабота на Маџари ќе врие и тоа како, ќе играат Вардар – Шкендија.
Струга ТЛ ја одигра својата најдобра партија оваа пролет и просто ја згази Брера Струмица.Шкупи благодарение на Руватубјае, постигна два гола, успеа да слави над Работнички кој уште еднаш одира добро, но доживеа пораз.
Во Кавадарци “Дербито на Истокот“ за Тиквеш. Брегалница почна добро, имаше и водство од 0:1, но најдобриот тим во ПМФЛ оваа пролет, во изминатите пет кола, со пресврт дојде до нова победа и тоа со 2:1. Штипските “сини“ и дефинитивно се во зоната на испаѓање. Под итно ќе мора некаде од гости да “чепнат“ бодови.
“Лавовите“ со новиот тренер си тераат по старо. Пораз во Кратово, пораз до пораз, од коло во коло шансите за опстанок им се намалуваат.
П.С.
По мечот во Гостивар свое „шоу“ имаше Ланре Кехинде, напаѓачот на Гостивар. Прво го нападна Николовски, а потоа и некои други од спротивниот табор. И толку треба, ја “запали“ целата ситуација, ја “запали“ домашната публика. Секако дека заслужено доби црвен картон.
Тоа на Кехинде не му требаше, со тој непромислен потег само ја оштети својата екипа.
А зошто токму Николовски?