Младинските категории во сите наши спортови се речиси на маргините, ги нема по медиумите, не се интересни за останатите а тоа се натпревати на кои најгласни се родителите. Сепак во сите тие спортови оваа наша земја секогаш имала таленти, бисери… Супер деца на кои им треба внимание, деца кои треба правилно да се развиваат, да имаат услови за работа за да израснат во она што на сите нам ни е потребно – супер играчи и носители на нашите национални селекции.
Феникс е кошаркарскиот клуб кој последниве години работи во турбо ритам и ги засенува поранешните носители на младинската кошарка во главниот град како што се МЗТ и Работнички но и Вардар.
Илија Коневски е момчето кое настапува во селекцијата до 14 години и во која остава посебен белег со својот стил на игра, лидерските способности и бројките во текот на секој меч кои се за почит.
На пример на последниот дуел со екипата на Црн Дрим од Струга ова момче постигна 20 поени, имаше 8 украдени топки и неколку асистенции. Оние кои следат младинска кошарка во земјава велат дека Коневски е мал Тони Кукоч, кој наликува со својата фигура и стил на игра на славниот хрватски кошаркар но од времето кога тој играше за Југопластика. Феникс славеше со 64:53 во меч на кој гостите лути на судиите го напуштија теренот предвреме.
Од видео снимките кои се во рамките на овој текст може да се видат некои од поените на Илија Коневски кој е еден од најдобрите во својата гереација и со право е дел од репрезентацијата на Македонија до 15 години.
За него и за сите таленти во земјава во нашиот медиум СпортСпорт секогаш ќе има простор за да се следи нивниот развој во кариерата по што се надевме дека за некоја година ќе успеат да играат барем во некои од клубовите од Евролигата.