Спортскиот директор Мајкл Едвардс се враќа во Ливерпул и ќе добие позначителна улога во клубот. Тој досега ги одбиваше понудите на Ливерпул, откако менаџерот Јирген Клоп објави дека ќе се повлече на крајот на сезоната. Сепак, раководителите на клубот, Фенвеј спортс групацијата успеаја да го наговорат Едвардс да се врати на „Енфилд“ кој го напушти во 2022 година.
„Мајкл е еден од највозбудливите извршни таленти во светскиот фудбал. Тој ни се враќа во нова, поголема улога и со пошироки овластувања од претходно. Беше јасно дека за него поширокиот опсег ќе биде клучен мотивационен фактор за какво било потенцијално враќање.
За среќа неговите амбиции се совпаѓаат со нашите. Тој ќе ги превземе одговорностите што претходно ги имав јас во Ливерпул“, изјави претседателот на ФСГ, Мајк Гордон.
Едвардс ќе биде извршен директор. Тој ќе го има последниот збор околу изборот на нов спортски директор кој потоа ќе биде одговорен за идентификување и за регрутирање на наследникот на Клоп.
Едвардс донесе голем број клучни играчи како спортски директор на Ливерпул, вклучувајќи го голманот Алисон Бекер, дефанзивецот Вирџил ван Дајк и напаѓачите Мохамед Салах и Садио Мане.
Дома Меѓународен фудбал Англија ОФИЦИЈАЛНО: Ливерпул го врати човекот кој ги договори Ван Дајк, Салах и...