Постојано се жалиме дека нашите терени на кои се играат мечевите од ПМФЛ и ВМФЛ, за пониските лиги да не правиме муабет, се за никаде. Дека се игра на “ораници“, преносите од ПМФЛ кои одат на Балканот служат за потсмев.
Ретки се тие терени каде навистина изгледа се онака како што треба.
А таков е новиот терен на стадионот “Кукуш“ во Турново на ФК Турново, чиј сопственик е Орце Тодоров, познатиот фудбалски работник, кој до пред некоја година самиот инвестираше во фудбалското чудо – Хоризонт Турново, клуб кој играше и во Европа.
“Мораме да бидеме задоволни од својата работа. Почнавме со реконструкција на новиот терен на нашиот стадион на почетокот на есента мината година, и сега погледнете како изгледа. Јас сум пресреќен и морам да се пофалам дека го имаме еден од најдобрите терени во Македонија“ за “СпортСпорт“ изјавува Орце Тодоров, првиот човек на Турново.
Тој вели дека уште ништо не е готово, дека допрва “Кукуш“ ќе биде со сите нишани што се вели.
“Во целиот овој проект имавме и помош од ФК Брера Струмица, се разбира од Горан Пандев, тука е и Сашко Пандев. Овој терен Брера го користи за играње во ПМФЛ и за тренирање. И се задоволни, како и ние, и јас се надевам дека таа наша соработка ќе се издигне на уште поголемо ниво. Инаку во иднина имаме намера да поставиме монтажни трибини за гостински навивачи. Во иднина во план е и поставување на рефлектори. Целиот комплекс околу стадионот е реконструиран со нови паркинзи и се што е потребно, а тука е новата сала во која има терен со вештачка трева. Инаку од следната сезона ФК Турново повторно ќе игра во Третата лига, засега во преден план е нашата школа, имаме екипа која игра во детската и регионална лига. Имаме планови, се надевам дека истите ќе успееме да ги оствариме“ рече на крајот Тодоров.