Фудбалерите на Вест Хем го прегазија Фрајбург со 5:0 и обезбедија четвртфинале во Лигата на Европа. Во еден од дуелите кој требаше да донесе и најнеизвесен фудбал, англискиот премиерлигаш едноставно покажа тотална доминација и многу брзо ја анулираше негативата од еден гол која ја имаше од првиот меч во Германија.
„Чеканите“ до полувреме водеа со 2:0 (Пакета 9′ и Боувен 32′), за во второто полувреме да постигнат уште три гола во гостинската мрежа, од кои два беа дело на Кудус и еден на Кресвел.
Големи возбудувања до самиот крај понуди пресметката меѓу Виљареал и Олимпик Марсеј. На овој меч домаќините почнаа со голем минус од четири гола по поразот на првиот меч во Франција од 0:4, но успеаја да надоместат дури три гола до 88 минута. Капуе, Сорлот и Москера успеаја да ја погодат гостинската мрежа и да најават голема сензација, но до крајот не успеаја и по четврти пат да погодат во мрежата на гостите, кои пак во 94. минута преку Клаус намалија на 3:1 и го потврдија пласманот во четвртфиналето.
Милан успеа во едно полувреме да дојде и до втора победа над Славија (П). На гостувањето во Прага, „росонерите“ со головите на Пулишиќ, Лофтус-Чик и Леао водеа со 0:3 на полувреме, а домашните кои играа со играч помалку од 20. минута, на крајот само намалија на 1:3.
Неизвесен меч се играше во Глазгов, каде Ренџерс дозволи пораз од Бенфика од 0:1 и со тоа ги заврши настапите во Лигата на Европа, откако на првиот меч во Португалија беше 1:1.