Машките ракометни репрезентации во следните денови ќе одиграат контролни мечеви во рамките на ЕХФ неделата. Младинците во Автокоманда ја пречекуваат Хрватска, кадетите играат против Црна Гора на гости, додека сениорите ќе се тестираат против Романија, исто на гости.
РФМ излезе со соопштение во кое инфомираше околу отвореноста на мечевите за јавноста, посебно за дуелите во Скопје. По договор на селекторите на Македонија и Хрватска, младинците ќе играат пред затворени врати.
„На барање на селекторите и стручните штабови на македонската и хрватската младинска ракометна репрезентација, Ве известуваме дека двата подготвителни пријателски натпревари кои ќе бидат одиграни во Скопје во СС Автокоманда на 15-ти и 16-ти Март 2024, ќе бидат од затворен карактер, односно тренинг-натпревари без присуство на публика.
Првиот тренинг-натпревар ќе биде организиран без присуство на публика со почеток во 18.00 часот, додека вториот натпревар на 16-ти Март ќе започне во 17.30 часот со пренос на TV Pro Arena“, се вели во соопштението на РФМ.