Попладнево од 15 часот на “Борис Трајковски“ во Маџари се игра дербито на 24.коло, а во него се среќаваат Вардар и Шкендија. Ова е вкупно 66.“црвено – црно“дерби, познато е дека Вардар сонува веќе 6,5 години победа над тетовци, на последните пет меча има пет порази, има примено 18 голови а дал само два. Севкупната традиција исто така е на страната на Шкендија. Тетовци имаат 27 победи, Вардар 23 а 15 средби завршиле без победник.
На последниот меч кој се одигра во Тетово пред две недели Шкендија славеше со 3:0.
Но, Вардар е сосема нешто друго кога игра на Маџари,пред своите “Комити“ кои денеска и тоа како ќе ја дадат поддршката на избраниците на стратегот Горазд Михаилов.
Ќе биде тешко за Вардар, јасно е дека Шкендија по имиња е поквалитетна екипа, но играчите на нашиот најтрофен клуб досега во текот на пролетната полусезона покажаа и тоа како дека знаат да одиграат на резултат.
Да, бодовите им се важни и на Вардар и на Шкендија, но тетовци ќе бидат под поголем притисок. Имено тие веќе заостануваат 3-4 бода во битката за титулата и секој нивни кикс ќе биде, посебно ако тоа се случи денеска против Вардар, рамно на катастрофа за нив.
Искрено не се очекува којзнае каков спектакуларен меч долу на тешкиот терен на Маџари, и двата стратези Михаилов и Беќири тактички ќе се надмудруваат, ќе има голема борба за секоја педа од теренот.
Поголем спектакл се очекува на сигурно преполната трибина на “Борис Трајковски“, “Комити“ најавуваат шоу.
Сепак, кога играат Вардар и Шкендија тоа е само по себе спектакл, тоа е фудбалски празник.