Пишува: Зоран Ѓоршоски
Големото дерби на мак – фудбалот меѓу Вардар и Шкендија донесе од се по малку. Прво убава атмосфера, потоа емоции до небо, патриотизам, спектакл од “Комити“, многу добар Вардар, бледа Шкендија, меч кој можеше и требаше реално, ова го говорам како човек што не е фан на Вардар, да заврши со победа на скопските “црвено – црни“.
Вардар го одигра својот најдобар меч оваа сезона. Вардар цели 80 минути ги имаше тетовци во “раце“ што се вели. Само еден гол за 2:0, а требаше да биде и 3:0 и се ќе беше поинаку. И кога не се дава гол, тогаш Шкендија казнува, прво израмни а потоа за малку и ќе победеше.
Па така Вардар ја продолжи својата црна серија на меѓусебните мечеви со Шкендија. Просто неверојатно е дека цели 6,5 години нема победа над лутиот ривал. А следната сезона, ако овие две екипи играат во иста лига, ќе се наврши седум години од тоа како Вардар сонува триумф над Шкендија.
Сепак и тој бод е екстра значаен за четата на Михаилов. Сега има 26 и веќе е во рамноправна положба со Брера, Работнички и Воска кои имаат по 27.
Долу се Брегалница и Македонија ЃП со по 22 и 21 бод. Ако вака заврши првенството тогаш Брегалница и Македонија ЃП ќе испаднат а Вардар ќе игра бараж, веројатно со Детонит.
Сепак сега и Вардар се прашува и тоа како се прашува.
Работнички игра добро, создава шанси, го надигрува противникот, но вчера го доживеа и третиот пораз во серија. Четата на Седлоски мора под итно да почне да освојува бодови, во спротивно….
Се покажа дека доведувањето на Захариевски за тренер е одличен потег на Воска. Охриѓани во саботата го сопреа и Шкупи.
Васоски почна да победува со Силекс, еве врза две победи во серија, па и редно беше.
Гостивар си тера по старо, реми, реми, па пак реми, па реми…
Со тој тим Гостивар треба да жари и пали во ПМФЛ, но….
П.С.
Познато е дека во фудбалот титула се освојува и кога не играш најдобро а сепак победуваш. Ете тоа го покажува на дело шампионот. По вчерашната победа над Работнички сега Струга ТЛ има три бода повеќе од вториот Шкупи и дури шест од третата Шкендија. Тетовци полека, но сигурно како да отпаѓаат од трката за титулата и сакале или не ќе мораат да бидат најголемите фанови на Шкупи.
Звучи неверојатно, но така е.
Имено ако Шкендија биде трета на крајот тогаш во Европа ова лето ќе играат под услов само ако Шкупи го освои Купот на Македонија.
Ако не, е па тогаш ако не, ќе се случи за првпат во ерата на „Еколог“ Шкендија да не излезе во Европа.
Секако дека тоа ќе биде рамно на катастрофа за нашиот најбогат клуб.