Екипата на Пелистер ја забележа петтата победа во АБА2 лигата откако на отворањето на турнирот во Широки Бријег славеше победа над Борац со 73-72 во драматичен финиш. На стартот Борац беше подобар, но потоа Пелистер ги зема работите под контрола и играше се подобро.
Во финишот малку недостасуваше Пелистер да остане без победата. На помалку од три минути до крајот Борац со тројка на Делалиќ поведе со 67-72. Но на сцената стапи Јуре Планиниќ кој со својата добра игра ги врати „зелено-белите“ во игра. Со три реализирани слободни фрлања Хрватот намали на 70-72, а по офанзивен скок на 40 секунди пред крајот му асистираше на Александар Костоски кој погоди тројка за 73-72 што и беше конечен резултат.
Планиниќ заврши со 21 поен и 15 скокови, а Костоски реализира 14 поени, додека 13 поени реализира Најт.
Ова е првиот меч од последниот турнир во АБА 2 лигата во регуларниот дел. До крајот остануваат уште два меча, а Пелистер е многу блиску до плеј-офот.