Александар Кукриќ уште еднаш во Скопје, и овојпат во служба на македонската кошарка

175

Александар Кукриќ повторно дојде во Скопје, сега во една малку поинаква улога на предавач, на тема и тоа како важна за луѓето кои одбрале професионално да се занимаваат со физичка подготовка на спротисти, во овој случај – кошаркари.

Во салата на СРЦ „Кале“, некогашниот кондициски тренер на нашиот сениорски национален тим го реализираше семинарот на тема „Специфичности во развојот на младите кошаркари“, со акцент на воведниот дел од тренингот, а организиран со цел да се истакне важноста на правовремената и планираната работа со младите луѓе.

„Мислам дека еден од основните проблеми во процесот на работата со младите кошаркари е неадекватниот план за работа, со изоставување на основните цели и задачи во оние чувствителни периоди на развој на младите спортисти.

Многу често се занемаруваат основните правила на тренинг, а пред тие млади личности се поставуваат цели за кои тие не се подготвени. Па така, во пракса, често се случува децата да не ги развиле ниту природните облици на движење, а веќе прерано се специјализираат за одредени спортови, пред нив се поставуваат приоритети на успех во натпреварувањето. Се организираат тренинзи, не земајќи ги в предвид индивидуалните физички, психички, емоционални и когнитивни каратеристики на детето“, истакна Кукриќ пред присутните.

Посебно ги апострофираше и оние психолошки аспект во развојот на младите спортисти.

„Многу често се занемаруваат психолошките аспекти во развојот на детето, па наместо со спортот да градиме подобри личности, ние добиваме анксиозни и фрустрирани деца, неподготвени за решавање на секојдневните животни проблеми. Како резултат на таквата работа добиваме млад спортист, неадекватно оспособен за бавење со спорт, со потполно погрешни цели, каде на прво место, како успех, се парите и славата.

Во истиот процес се наоѓаат и родителите, кои, што поради незнаење, а што со претходно наведените ‘лоши’ мотиви, настојуваат да одберат вистински пат за своето дете. Затоа е важно да се истакнат вистинските вредности на бавењето со спорт, и значајноста на физичките активности за здрав развој на младите луѓе“.

Акцентот во работата е поставен на оние осум „столбови“, фази на развој во животот:

„Намерата ми беше да презентирам еден од најпопуларните модели на развој на човекот преку спортот и физичката активност. „LONG-TERM DEVELOPMENT IN SPORT AND PHYSICAL ACTIVITY“, дефинира осум фази на развој во животот на човекот, каде акцентот е ставен на примена на спортските и физичките активности за поздрав и поквалитетен живот. Посебно акцентот е усмерен на период од 6. до 16. години, каде се дефинирани основните правила и препораките, каде, како и зошто да се тренира одреден спорт. Настојував да ја истакнам специфичноста на работата со овие возрасни категории до пубертетот, каде е најважна изградбата на фундаменталните способности и широка примена на различни физички активности, како и периодот по адолесценција, каде специјализацијата, натпреварувањата и победата имаат потполно друго значење.

Во соработка со Македонската кошаркарска федерација, покрај овој семинар, организирани се уште две онлајн-работилници, усмерени кон младите кошаркари, на тема исхрана во спортот и менталните аспекти на занимавање со спорт. Федерацијата настојува што е можно повеќе да го поддржи рзвојот на младите играчи, и оттука, овие и слични акции, извесно, многу помагаат во тоа“, потенцира Кукриќ.

ПретходноКапитенот на Јунајтед сака да се укине едно фудбалско правило
СледноМладата Атанасовска постави рекорд во македонското женско скијање