Македонската А репрезентација го оддржа вториот тренинг во турска Анталија како подготовка за контролните натпревари против Молдавија (22. март) и Црна Гора (25. март) на стадионот „Мардан“ во Анталија. Репрезентацијата денеска ќе биде во комплетен состав со приклучувањето доцна попладне на Бојан Димоски.
Репрезентативецот Агон Елези смета дека на претстојните натпревари важна е не само играта на нашата репрезентација, туку и резултатот од мечевите.
„Секогаш кога се игра за Македонија не само играта, туку и резултатот е многу важен, иако се работи за контролни натпревари. Тоа ќе ни даде дополнителен импулс и зголемување на самодовербата за следните натпревари.
Се надевам и очекувам да ја задржиме позитивната атмосфера од последниот собир. Двата меча се одлична подготовка за предизвиците кои ни следуваат. Молдавија и Црна Гора се одлични селекции, ние имаме нова генерација и ни требаат вакви натпревари“, изјави Елези кој е член на Бохум.