Многу нерви и пот за “голема“ победа над Гибралтар!

1337

Ете, по серија од три порази по ред, нашите надежи до 21.година конечно успеаја да дојдат до победа од 1:0. И тоа против Гибралтар, последниот на табелата во нашата квалификациска група-Ц за пласман на ЕУ 2025 во Словачка.

Многу нерви и пот потрошивме за една “голема“ победа над Гибралтар. Дојде време и против вакви селекции да се “тресеме“ до последната секунда.

Јасно е дека оваа наша генерација има потенцијал, има одреден квалитет, денеска играше и без неколку клучни играчи, сепак селекторот Драган Канатларовски Цапар не смее да биде задоволен, па и ние од него.

Тоа беше не така добро издание, посебно во првото полувреме кога гледавме “бледа“ Македонија. Ако против еден Гибралтар креираш само еден зицер, тогаш…

Во второто полувреме беше нешто подобро. Нашите момци се разлетаа по идеалниот терен на Арената “Тодор Проески“, Абази, кој го постигна голот, и Семоски имаа супер шанси, заслужена победа.

Но, пак ќе кажеме, ова е тенко, доста тенко.

Веќе во вторник ја чекаме Шведска, тоа ќе биде вистински тест за овие момци на Цапар. Тогаш да ги видиме на дело како ќе настапат против една поквалитетна репрезентација од оваа денешната на Гибралтар.

ПретходноУ-21 Македонија славеше против Гибралтар: Редно беше и четата на Цапар да победи! (ФОТО)
СледноЧави ќе ја води Барса на Ел Класико, суспендиран само на два меча!