Пари Сен Жермен и Барселона ќе играат во четвртфиналето на Лигата на шампионите. „Каталонците“ во еден дел од сезоната беа во криза, но ја кренаа формата, па сега порасположение го чекаат дуелот со францускиот првак. Шансите за пласман во полуфиналето се реални.
Луис Енрике и ПСЖ се обидуваат да стигнат до првата титула во ЛШ, а шпанскиот тренер кој претходно беше тренер на Барселона се пошегува со навивачите на каталонската екипа.
„Соберете пет милиони евра и донирајте ги на нашата фондација, па можеби ќе го седнам Мбапе на клупата“, зборуваше Луис Енрике во дијалог со своите фанови на платформа за стриминг.
Мбапе ја игра последната сезона во ПСЖ, а потоа се сели во Реал Мадрид. Се зборуваше за кавга меѓу него и Луис Енрике, а францускиот фудбалер изјави дека добро се сложува со тренерот. Истото го кажа и Енрике.
„Тој е најдобар играч на светот. Ќе даде 50 голови и ќе има 25 асистенции во една сезона со било кој тренер и со било која екипа. Неговата иднина нема да биде тука, па ќе мора да тестираме други решенија“, кажа Енрике по триумфот на ПСЖ против Сосиедад во осминафиналето на ЛШ.