Пишува: Зоран Ѓоршоски
Се чини дека вчерашниот дебакл во Москва, пораз од Русија со 4:0, конечно и дефинитивно го “соголи“ Драган Стојковиќ – Пикси како селектор на Србија.
И дефинитивно репрезентацијата на нашиот северен сосед е во слободен пад кој трае по таа еуфорија во Лисабон на 14 ноември 2021 кога со малку повеќе среќа Србија ја победи Португалија и се пласира на СП во Катар.
На Мундијалот бламажа, во квалификациите за ЕУРО за малку дебакл, а Србија се падна во најслабата група во историјата на фудбалот. Реално ние да игравме место нив, секако дека ќе бевме убедливо први, но ние игравме со Англија, Италија, Украина…
Пикси е гигант како фудбалер, тука нема дилеми и од тука го црпи сиот тој “кредит“ како селектор.
После оној срам вчера во Москва, јавноста во Србија е шокирана, спортските аналитичари се фаќаат за глава како игра селекцијата на Пикси, а утринава конечно и медиумите, кои фанатично го бранеа својот селектор, им текна да искажат критики.
Сите се ужаснуваат од тоа што ги чека во “Гелзенкирхен“ на првиот меч на ЕУРО против Англија. Дури си играат и мајтап и се прашуваат колку парчиња тимот на Пикси ќе прими.
До стартот ЕП остануваат само уште 2,5 месеци, а очигледно е дека ја нема таа еуфорија како што беше пред Катар кога си пееја – “Дајте Бразил да си играмо…“ и си одиграа и со првиот авион се вратија дома посрамени.
Сега сите во Србија се очај, на никој не му е до ЕП иако Србија по цели 24 години за првпат ќе настапи на еден континентален собир.
Пред неколку дена имаше информација дека ФСС и Пикси се договориле за продолжување на договорот до 2026.
Каков ужасен потег на сите што го водат Сојузот, дури несфатливо ужасен. Сега се погласни се најавите дека ќе се почека ЕП, да се види што ќе направи Пикси, па потоа ќе се потпише договорот.
Едноставно е, од човекот кој како што велат е платен 1,2 милиони евра годишно, плус ненормални бонуси, и играчи од светска класа, мора да се бара резултат.
А според она што досега Србија го прикажува со Пикси на чело, слободно може да се каже дека во историјата на фудбалот ниту една репрезентација во Европа немала послаб селектор.
Но така е на Балканот. Ние си патиме од величини од минатото. Демек ако биле супер играчи мора да бидат и супер во се друго.
Демек Пикси како некогашен светски играч, мора да е супер и како тренер.
А Златко Далиќ својата Хрватска на последните две светски првенства ја однесе во два наврати меѓу четирите најдобри, еднаш играше и финале.
А знае ли некој кој беше Далиќ како фудбалер? Никој.
Ама како тренер е генијалец за Пикси.
И конечно секој обичен фудбалски фан, што навива за селекциите од Балканот, му се превртува стомакот од она смеење на Пикси на секоја прес конференција и уверувањата дека допрва Србија ја чека светла фудбалска иднина.
Смешки…
И на крај нека си тераат во Србија работата како што сакаат со Пикси и нивниот фудбал. Ние треба да се занимаваме повеќе со нашиот фудбал.