Нацијата може да здивне, нашите фудбалери до 21 година го победија Гибралтар со 1:0, ги „лапнаа“ трите бода и оваа генерација докажува дека е на правилен пат и дека треба да се верува во нивните квалитети и квалитетите на „искусниот“ лисец Драган Канатларовски – Цапар. Тоа што многумина сакаат да критикуваат, да алармираат и не е така важно.
Само 1:0…!? Дали е 1:0 или 5:0 вредноста на трите бода е идентична. Тоа што игравме со Гибралтар и не е важно, бодовите со Гибралтар и Шведска е исто.
Гибралтар не е топовска храна, и тоа е факт, но ние не сме Молдавија па да губиме од „аматерите“ на домашен терен. Битно не сме последни во групата, битно не загубивме од Гибралтар кој има победа над посилна и пофалена генерација од оваа сегашната на Македонија.
Младата селекција одигра меч на најголемиот наш стадион, тактички добра одлука затоа што на помал терен и Гибралтар можеше да не изненади. Тоа што гостите имаа 2-3 зрели шанси и не е така опасно и критично. Битно ние си победивме, битно имаме тактика, стратегија и игра. Ако имаше тактика и стратегија – тогаш секоја чест на Драган Канатларовски. Тактички добра игра, одлични замени и добра координација на клупата со играчите. Со ваква игра селекторот успеа да ги збуни сите, да ги сокрие сите наши адути и силни страни од Шведска.
Шведска е важна, а таа сигурно сака одмазда во вторник во Скопје и затоа добро ја има скенирано нашата игра. Затоа секоја чест, само 1:0, играта не е битна, квалитетот на одредени играчи исто така. Најважно, се постина тој гол, се дојде до трите бода а Шведска и сите на стадион не видоа ништо. Тоа е тактика, стратегија – така победуваат „големите“, без убедлива игра, без многу напор и со доволни 1:0.
Оние кои критикуваат и во победа не знаат фудбал, тие се злобни луѓе и нереални. Фудбалот се игра за победи и бодови и тоа најдобро го знаат Канатларовски и неговиот стручен штаб.
Канатларовски, со кој имаме перспектива како селектор на сениорите имаше двојна мина од Андора, еве сега не дозволува таков кикс со аматерска селекција. Затоа треба да се верува дека младата селекција оди во вистинска насока, има иднина, а тоа што никој од овие фудбалери не е во плановите кај сенирите е неважна работа.
Добиена е првата битка за да не се биде последен во групата. Теоретски имаме шанси и за второто место на табелата, и затоа треба да се верува „Тие 11 – Ние 11“!
Да се победи Шведска и ќе биде весело. И таму без удар на гол ги победивме, исто како и со Гибралтар 1:0. Тоа е фудбал и тактика. На „добар“ пат сме!
Хејтерите нека пукнат од мака затоа што целта е исполнета.
„Најдобрите се најдобри кога треба“…