Работнички продолжува во ист ритам. Најтрофејниот кошаркарски колектив е во серија од 12 победи во низа, од декембри па наваму не знае за пораз во Првата лига. На „менито“ вечерва беше Феникс, кој беше немоќен пред „црвено-белите“, беше совладан со 69-98. Со новите бодови избраниците на Горан Самараџиев се зацврстија на врвот на табелата.
Кошаркарите на Работнички одиграа одлично во третата четвртина, дадоа 30 поени, а примија само 12. Претходно, во првото полувреме, Феникс имаше негатива од 38-48, која наместо да ја намали, влезе во лош ритам, кој беше убедливо казнет.
Раното убедливо водство беше доволна причина за да Самарџиев им даде шанса на сите кошаркари. Шошкиќ со 19 поени го предводеше Работнички до победата, зад него беше Џелетовиќ со 16 поени и 7 скока, 15 поени имаше Рикиќ. Во редовите на Феникс 12 поени имаше Димитриев, додека еден помалку запиша Рис.