Алекс Митров: “Детето“ на Јанг Бојс е голема надеж на Беласица и македонскиот фудбал! (ФОТО)

3705

Од Европа преку САД до Австралија има многу наши деца, Македонци, кои играат фудбал и тоа како добар фудбал. Родени надвор од Македонија, сонот им е да играат во наши клубови, пред се да играат за репрезентацијата на својата Македонија.

Еден од нив е Алекс Митров, кој има само 18 години и е голема надеж на Беласица и македонскиот фудбал. Најдобро се снаоѓа во нападот, едноставно е класичен шпиц.

Алекс е роден во Берн во 2005 година, потекнува од школата на Јанг Бојс, гигантот во фудбалска Швајцарија. Потоа беше член на Бреитенрајн за да минатото лето доаѓа во градот на своите родители, Струмица, и потпишува за Беласица.

Тоа беше моја желба, секако дека се консултирав со моето семејство од кое добив поддршка. Па така еве веќе нешто повеќе од осум месеци сум во Струмица и играм за Беласица. Добивам минутажа, прекрасно сум примен тука во клубот и во градот. Најмногу играм за младинската екипа, но како што реков добивам шанса и за првиот тим. Јас сум задоволен, очекувам како што минува времето да добивам уште поголем шанса. Веќе се навикнав на животот овде во Македонија. За разлика од Швајцарија тука како да е некако послободно, поубаво се живее, ми се чини дека не погрешив што дојдов“ вели Митров.

No description available.

АЛИОСКИ, СЕФЕРИ, ПАНДЕВ, ЕЛМАС…

Инаку тој има настапи и за У-17 и У-18 селекциите на Македонија, а негов идол е како што вели самиот, барем што се однесува до нашите фудбалери, Џани Алиоски:

Се разбира дека како човек што потекнува од Струмица, Горан Пандев е нешто посебно. Тука во Струмица тој е икона, како и во цела Македонија, а се прослави и во Европа. Го ценам Елиф Елмас, но посебно Џани Алиоски. И тоа поради фактот дека и Џани потекнува од младинската школа на Јанг Бојс, немам ништо против мојата кариера да тече како и неговата. Ја ценам неговата борбеност, победнички дух посебно кога игра за репрезентацијата на Македонија. Во контакт сум со Таулант Сефери, кој играше во Јанг Бојс, јас тогаш почнував во школата на тој клуб“.

НАВИВАМ ЗА РЕАЛ, ИДОЛИ МИ СЕ ЗЛАТАН, ХАЛАНД И ЛУКАКУ

Како и секој млад фудбалер, Алекс има свои идоли, а открива и за кого навива во светскиот фудбал.

Тука нема дилеми, тоа е Реал Мадрид. Што се однесува до идолите тоа се Златан Ибрахимовиќ, потоа Ерлинг Халанд и Ромелу Лукаку. Со оглед на тоа дека сум напаѓач нормално е идоли да ми се тие. Посебно Златан,сите ја знаеме неговата животна приказна и ете каде стигна во фудбалот. Вистинска легенда, секоја чест за него“.

Алекс има и помал брат, тоа е Макс Митров (15), тој сега е член на младинската школа на Бреитенрајн, претходно беше пет години во Јанг Бојс а потоа и една година во Тун. Вели дека е голема талент, и дека од Макс се очекува да тргне по стапките на својот постар брат.

No description available.

ИМА ИНТЕРЕС ОД ПРВОЛИГАШКИ КЛУБОВИ, СОНУВА ДА ИГРА ЗА А-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

За тоа каде се гледа себеси во блиска иднина, Алекс не крие дека има интерес од прволигашки клубови и нема да биде изненадување ако набрзо направи и трансфер. Но не се оптоварува премногу со тоа.

Мое е да играм и да напредувам, сакам работите да одат по некој нормален ток, што се вели. Инаку мојот сон, како и на секој македонски фудбалер е еден ден да заиграм во А-репрезентацијата на Македонија. Знам какво е чувството да го носиш македонскиот дрес како член на помладите репрезентации на Македонија, тоа е нешто што не се опишува со зборови. Бесценето…“ заврши Митров.

ПретходноШанса што не смее да се испушти: МЗТ Скопје со победа вечерва ќе игра бараж за пласман во АБА лигата!
СледноЛегендата на Барса: “Сити ќе го прегази Реал, ќе биде најмалку 6:0, а јас ќе се смеам!“