Просинечки за утрешниот меч со Македонија ќе го смени цел прв тим

1688

Само Стеван Јоветиќ ќе биде во составот на селекторот на Црна Гора, Роберт Просинечки, за дуелот со Македонија утре, од сите оние кои беа стартери на пријателскиот меч кој Црногорците во четвртокот го одиграа против Белорусија и го добија со 2:0.

„Во тимот ќе остане само Јоветиќ, бидејќи сакаме да му дадеме минутажа што ја нема во Олимпијакос“, изјавил Просинечки на прес-конференцијата во Анталија.

Тоа значи дека утрешниот меч Просинечки треба да го започне со Шаркиќ – М. Вукчевиќ, Савиќ, Вујачиќ, Радуновиќ – Лончар, М. Бакиќ – Јововиќ, Чамај, Јоветиќ – Мугоша.

„Момците имаа голем мотив за Белорусија, мислам дека тоа беше евидентно. Пристигна нов тренер, нормално дека сите сакаа да се докажат. Беа многу борбени, дури и Вешовиќ во еден момент за малку ќе се тепаше во близина на аут линијата. Се надевам дека и на вториот меч ќе бидеме такви. Овде дојдовме за да започнеме нова приказна. Резултатот е важен, но поважно е да се запознаеме и да го одиграме она што планираме да го спроведеме. Од првиот ден видов дека момчињата имаат одличен однос, а тоа е основата и суштината на се. Кога е така, полесно и поубаво е да се работи“, изјавил Просинечки.

За Македонија како следен противник, хрватскиот стратег вели:

„Го гледавме натпреварот меѓу Македонците и Молдавците, не изгледаа добро. Сигурно ќе бидат помотивирани против нас, ќе сакаат да победат и да го подобрат впечатокот. Имаат одличен индивидуален квалитет, нивните играчи во добрите клубови ја прават разликата. Нема да биде лесен натпревар. Но, ние сме оптимисти, момците работат добро, а не се ни уморни, бидејќи ќе го промениме тимот. Во секој случај, секако ќе биде интересно“.

ПретходноАБА 2: МЗТ Скопје за малку не успеа во една четвртина да се врати од минус 23
СледноДодека чека понуда: Мурињо го вееше знамето на финишот на трката во Мото ГП (ВИДЕО)