Денеска во Анталија (18 Ч) во пријателски меч, нашата најдобра репрезентација ќе ги одмери силите со силната селекција на Црна Гора. Ова ќе биде втор пријателски меч во Анталија во овој мартовски циклус. По оние 1:1 во не така којзнае какво добро издание против Молдавија во петокот, се разбира дека очекуваме од нашите најдобри фудбалери денеска да го поправат впечатокот и играчки и резултатски, проти селекцијата која ја предводи славниот Роберт Просинечки кој пред неколку дена на своето деби како селектор на Црна Гора имаше одлично деби со победа против Белорусија.
Се разбира дека нема да биде едноставно, овие мечеви во основа служат за воигрување на тимот, за испробување на разни варијанти како што тоа во неколку пати го истакна нашиот селектор Благоја Милевски, но сепак убаво е да се победува. Кога се игра за Македонија нема пријателски средби, тоа секогаш го потенцира нашиот капитен Енис Барди.
Кога сме кај Милевски, тој денеска слави роденден, полни 53 години и ете повод, односно мотив плус нашите национали со победа над Црна Гора да му го честитаат роденденот.
Македонија и Црна Гора денеска ќе го одиграат својот четврти меч низ историјата откако се самостојни држави. И сите досега биле пријателски. На тие средби досега имаме две победи (2:1 и 4:1) и еден пораз (1:2). Гол разликата е во наша корист 7:4.
Очекуваме добар меч, играат две добри и квалитетни селекции, и се разбира наша победа.