Откако се воведе ваучер системот во спортот, клубовите, федерациите, па и спортистите кои се корисници на истите, во текот на годината целосно се потпрени на овие финансиски средства зошто тешко се доаѓа до дополнителни извори, речиси ретко кој се осмелува да вложува во она што носи чиста радост и среќа, особено во овие тешки времиња на општествено незадоволство.
Ако се земе во предвид дека минатата година ваучерите беа доделени на средината на февруари, паниката која се дигна овие денови до некаде е оправдана. А кога на сето ова ќе се додаде дека Агенцијата за млади и спорт до федерациите до денеска се уште ги немаше испратено образците, во тој случај се е јасно како ден. Спортските работници веќе ги имаат испланирано сите средства и се зависни од нив за нормално функционирање.
Дополнителен сомнеж се става и поради парламентарните избори, точно е дека има време, нешто повеќе од месец, но доколку целиот процес не се забрза ќе се случи колективен колапс во спортот, што пак ќе биде голем пораз за сите оние кои во овој момент пропагираат подобри денови во спортот.
Новиот закон за спорт беше изгласан пред 26 дена, со одредени промени. Тогаш беше потенцирано дека целата процедура треба да се заврши до 5 април, но во предлог-измените на Законот за спорт не беше наведено кога најдоцна спортистите би ги добиле парите.
Нашите извори велат дека ќе има ваучери, но засега нема датум кога ќе бидат истите.