Пред две години ја урнавме Италија, сега се „бањаме“ во Анталија!

2536

Каков пад… каква драстична промена на полошо… Тоа е дефиницијата за селекцијата на Македонија денеска на 25 март 2024 година! А само пред две години на овој ден се фокусиравме на историската пресметка со Португалија и шансата за пласман на СП, или ден по Палермо и таа херојска победа од 0:1 над Италија, историја и сензација.
Кога има простор за фалење тука сме, но кога треба да се критикува еве тука сме исто така…

Ова „бањање“ на националниот тим кое ми се случи деновиве во Анталија е доказ дека националниот тим не оди во правилна насока. Ова не е тоа што го сакаме, на што сме навивкани и кое е за очекување!

Летвичката е крената, оваа нација гледаше селекција на ЕП, гледаше бараж за СП, гледаше тим жеден за победи, добри игри, шанса, голови…

И кога се губи понекогаш сме знаеле да кажеме немавме среќа, ќе биде… Но, по дуелите со Молдавија и овој попладнево од Црна Гора е јасно дека правецот кој го фаќаме нема иднина. Тешко на нас ако ова се фудбалерите со кои во септември ќе играме Лига на нации. Тешко на оваа селекција и оваа публика која е гладна за резултати.

Токму поради ваквиот пристап и фломастер тактика (бриши се што пие кафе со душмани), ние денеска сме во Анталија, а не во Скопје, на ден пред ново големо финале и шанса за пласман на ЕП. Таа атмосфера ја има во Грузија која ја доби битката со нас во Лигата на нации, а утре игра финале против Грција. Затоа што и тогаш и сега влегуваме со помислата дека ќе биде лесно, дека групата е лесна иако ние сме тие кои не чиниме кои влеговме во некој лавиринт од кој тешко се излегува.

Точно, има време до септември, но почетокот е лош! Алармот е веќе црвен, а ќе остане таков и во јуни по дуелите со Хрватска и Чешка. Што може да се мрдне нанапрд со овие играчи, со ваквата поставеност, со ваквата форма, а играчите…

Ако Јоветиќ е лидер на Црна Гора со 34 години, а Савиќ главен столб со 33 години, кај нас некои се избришани на 30 години, а други се откажуваат на 32 години, па и на 28 години. За се постои решение, секој проблем се решава со дијалог, но никој не сака да потегне прв! Суетите се страшен проблем, тие го убиваат фудблот во Македонија во изминатите 30 години. Затоа и често талкаме и сме на дното – кога имаше дијалог, разговор и единство, тогаш имавме и атмосфера и пласман на ЕП.

Државен тим – тоа кажува се, тим на сите, тим на секого и национален интерес. Не е тоа приватен клуб, приватна забава…

ПретходноВо Африка ќе се гради еден од најголемите стадиони во светот!
СледноБунт на српските навивачи по Кипар: Очајно и срамно, Пикси оди си!