Македонија на својата втора контрола, вечерва во Анталија, е поразена од Црна Гора со 0:1. По она петочно реми со Молдавија, избраниците на селекторот Благоја Милевски вечерва доживеаја пораз. И повторно не така убедлива игра, освен во првите 20-25 минути кога навистина добро одигравме, но Јоветиќ во 45.минута стрелаше за 0:1.
Милевски и на овој меч испроба повеќе варијанти, шанса добија повеќе играчи, но генерално не може и не смее да биде задоволен. Едноставно се повтори старата болка.
Овој пораз му го расипа роденденот на селекторот Милевски, кој денеска наполни 53 години и ова му беше јубилејниот 30-тиот меч како селектор на нашата најдобра репрезентација.
Уште во 6.минута Миовски имаше шанса, но премногу чекаше, таа позиција се влоши, нашиот напаѓач шутираше, но само во голманот.
Нова шанса за нашите, Елмас во 12.минута упати добар шут од 20 метри, но голманот Шаркиќ едвај одбрани. Пет минути подоцна Елмас уште еднаш се закани. Во овие моменти Македонија апсолутно доминираше, имаше посед, се редеа акциите, ние шутиравме и тоа преку Барди од далечина, но гол немаше.
И сето тоа траеше до 25.минута кога Црна Гора се ослободи од притисокот и почна да игра. Веднаш се виде дека противникот може да биде опасен. Во 35.минута инцидент откако Бакиќ остро и непотребно стартуваше врз Барди, регаираше Елмас, се вмеша и Савиќ. За среќа се се заврши без некои поголеми проблеми, Бакиќ, Савиќ и Елмас добија опомени.
И кога сите помисливме дека на пауза ќе се оди без голови, Јоветиќ не мислеа така. По третиот корнер, Црна Гора со голот на искусниот капитен успеа да дојде во водство од 0:1.
Второто полувреме започна со закани прво на Јоветиќ, а потоа и на Трајковски. Сепак мрежите не се тресеа. Селекторот Милевски во игра ги внесе Трајковски и Димоски со надеж дека некои работи ќе се сменат на теренот. Подоцна шанса добија и Ќамили и Ристовски, но немаше буквално никакви промени. Ние не успеававме да одиграме како во првите 20-25 минута кога бевме далеку подобри.
И селекторот на Црна Гора, Роберт Просинечки, направи повеќе измени, а тоа како го “уби“ мечот. Можеби Црна Гора беше нешто подобра во поле, но сепак далеку од тоа дека беше којзнае како толку квалитетно.
На крајот резултатот оној од 45.минута, Македонија – Црна Гора 0:1.
Пријателска во Анталија
МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА 0:1 (0:1)
Комплекс на “Мардан“ во Анталија. Стрелци: Јоветиќ 45. (Ц.ГОР). Ж. Картони: Елмас (МАК), Бакиќ, Савиќ, Крстовиќ (Ц.ГОР).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Велкоски, Муслиу, Зајков (79. Серафимов), Чурлинов (50.Димоски), Алиоски, Барди, Атанасов (59.Ќамили), Костадинов (79. Митровски), Елмас (45. Трајковски), Миовски (59. М. Ристовски).
Селектор: Благоја Милевски.
ЦРНА ГОРА: Шаркиќ, Вукчевиќ (63. Вешовиќ), Савиќ, Вујачиќ, Радуновиќ, М. Бакиќ (84.Д, Бакиќ), Лончар (63. Јанковиќ), Цамај, Јоветиќ (63.Брновиќ), Јововиќ (63. Марушиќ), Мугоша (63. Крстовиќ).
Селектор: Роберт Просинечки.