По поразот од Борусија Дортмунд, најтрофејниот Баерн Минхен ја губи трката за титулата во Бундес лигата. Четата на Томас Тухел загуби дома од Борусија Дортмунд со 0:2 и сега разликата во однос на лидерот Баер Леверкузен е 13 поени на седум кола до крајот на шампионатот.
Тухел крена бело знаменце и им ја честита историската прва титула на Баер.
„По овој меч можам само да им ја честитам титулата на Баер Леверкузен. Видете колкава е разликата, мислам дека се е јасно“, изјави Тухел за „Скај спортс Германија“.
Леверкузен е во рекордна серија од 39 меча без пораз во сите натпреварувања, а им требаат уште три победи за математички да ја обезбедат титулата која ќе им биде прва во историјата.