Македонската женска ракометна репрезентација денеска (15 часот) и гостува на селекцијата на Азербејџан во Баку во рамките на претпоследниот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство 2024 година кое ќе се одржи во Австрија, Швајцарија и Унгарија.
„Црвено-жолтите“ никогаш не биле толку блиску преку квалификации да дојдат до посакуваното место на континенталното натпреварување. По четири одиграни кола се наоѓаат на второто место во табелата со четири бода, два повеќе од Азербејџан и Литванија. Против денешниот противник на првата средба во Скопје славеа убедлива победа од 40-17, резултат кој ветува нов триумф и чекор напред кон посакуваната цел.
Со победничко сценарио во Баку, печат на европската виза нашите девојки треба да стават на последната средба во Скопје против Литванија (7. април, 18 часот). И против оваа селекција ракометарките славеа на првата средба, на гостински терен беа подобри со 31-28.
На овој начин Македонија ќе заврши како второпласирана во својата група што значи дека заедно со Шпанија ќе патуваат на ЕП 2024 година.
Нашата репрезентација може и со пораз да се најде на ЕП доколку ги одбрани двете победи против директните конкуренти. Но, овие математики се тргаат на страна, бидејќи денеска од Баку се чека победа за нова европска виза.