Хаотична вечер во Сплит: Тројца полицајци пренесени во болница, приведено 51 лице!

1036

Полицијата во Сплит привела вкупно 51 лице поради нередите што ги предизвикаа навивачите на Хајдук во Пољуд и околу стадионот по мечот со Динамо, а лекарска помош побарале тројца полицајци, извести полицијата.

Нередите избија откако полуфиналниот натпревар од Купот на Хрватска помеѓу Хајдук и Динамо заврши 0:1.

По завршувањето на фудбалскиот натпревар, по 21 часот, група локални навивачи илегално влегоа на теренот со цел да го нападнат гостинскиот тим и навивачите.

„Со навремена реакција и дејствување на полицијата нападот е спречен и луѓето се пренасочени на трибините“, соопштија од полицијата.

Во соопштението се вели дека по натпреварот, во и околу стадионот, во неколку наврати поголеми групи луѓе ја нападнале полицијата фрлајќи кон нив запалени ракети, шишиња, камења и други предмети.

„Во овој момент лекарска помош побарале тројца полицајци кои се пренесени во сплитската болница. Оштетено е и едно службено возило“, се вели во соопштението објавено по полноќ.

За време на немирите беа запалени и голем број контејнери, поради што беа ангажирани пожарникари кои со поддршка на полицијата ги гаснат пожарите.

Полициски службеници биле со пожарникарите при интервенции за да се избегне можноста и тие да бидат нападнати.

ПретходноВлезе од клупа и постигна 50 поени за историја во НБА-лига (ВИДЕО)
СледноПочнува чистка во Јунајтед, Тен Хаг не се прашува!