Вечерва со почеток од 19 часот во салата „Јане Сандански“, МЗТ Скопје го отвора плеј-офот против Гостивар. Во пресрет на овој дуел, своите размислувања ги сподели тренерот на плаво-белата чета, Васко Атанасов.
„Вечерва за нас почнува најважниот дел од сезоната, како на домашна така и на регионална сцена. Гостивар можеби влегува од осмата позиција, но е екипа која заслужува респект и која никако не смее да се потцени, за што доказ се трите победи по ред со ја осигураа оваа позиција на табелата. Квалитетот е на нашата страна, ја прифаќаме улогата на фаворит и ќе сториме сѐ за да го докажеме тоа на теренот. Пред нас е период во кој ќе играме тешки средби на секои три дена во домашното првенство и во плејофот од АБА2, поради што ќе пробаме да дојдеме до максимален ефект со минимално трошење енергија. Секако, колку и ако воопшто е можно нешто такво во пресметки со квалитетни екипи предводени од искусни тренери“, изјави Атанасов.