Денеска и утре ќе се одиграат и реванш натпреварите од полуфиналето на плеј-офот во домашниот одбојкарски шампионат. Во машка конкуренција, вечерва шампионот Струмица повторно ќе го пречека тимот на Универзитет во Тетово (во договор на двете екипи) и со втора победа би требало да го завери местото во финалето, откако во првиот меч пред два дена струмичани веќе славеа со убедливи 3:0.
Многу повозбудливо ќе биде утре во Штип, каде освојувачот на Купот ќе го пречека Работнички по поразот на првата средба во Скопје со 3:1. Штипјани ќе се обидат да дојдат до победа и да се изборат за трет меч во кој ќе се решава пласманот во финалната серија. Работнички со победата во Скопје најави дека е подготвен да направи уште еден голем исчекор кон финалето.
И кај дамите денеска и утре на програмата се реванш средбите од полуфиналната серија. Струмица со предност од 1:0 и како голем фаворит денеска оди нагости кај градскиот ривал Наковски Волеј, додека за утре е закажано скопското дерби меѓу Работнички и Јанта Волеј. Во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ утре шампионките одат на втора победа со која би го запечатиле местото во финланата серија.
ПОЛУФИНАЛЕ НА ПЛЕЈ-ОФ (М)
ВТОР НАТПРЕВАР:
ДЕНЕСКА:
16:00 Струмица – Универзитет во Тетово (1:0)
НЕДЕЛА:
18:00 Штип УГД – Работнички (0:1)
ПОЛУФИНАЛЕ НА ПЛЕЈ-ОФ (Ж)
ВТОР НАТПРЕВАР:
ДЕНЕСКА:
19:00 Наковски В. – Струмица (0:1)
НЕДЕЛА:
20:00 Работнички – Јанта В. (1:0)