Силекс – Гостивар 0:0 е епилогот од првиот меч од 26.коло во ПМФЛ, одигран попладнево во Кратово. Борбен меч, многу шанси, но сепак без голови. Гостивар ја имаше иницијативата во поголемиот дел од средбата, сепак и кратовци беа опасни по голот на гостите.
Реално и двете екипи заслужија да не загубат.
Во првиот дел се играше тврдо, сепак нагласена беше желбата за победа, но на пауза се замина без погодок. Гостите преку Кехинде имаа две убави шанси, прво во 12.минута, но тогаш домашниот голман одлично одбрани, за да во 38.минута Божиновски киксираше, но Кехинде не успеа да казни. Силекс во 2.минута преку Игњатов опасно се закани. Во 20.минута Потук бараше пенал за Гостивар, но заработи жолт картон, а домашниот напаѓач Ѓорѓиевски доби жолт картон откако се обиде да изглуми пенал.
Во второто полувреме Гостивар уште повеќе притисна а Кехинде имаше уште две шанси, и тоа убави за гол, и тоа во 52. и 58.минута. Сепак домашниот голман Даниел Божиновски беше фантастичен на голот, едноставно бранеше се. Во оваа фаза кратовци преку Маронг во два наврати можеа да поведат, но и натаму резултатот беше 0:0.
Во 81.минута Серафимовски упати добар шут, но немаше среќа, топката профуче покрај десниот дирек на гостите.
Нешто подоцна Ајдини се закани на другата страна, но и во таа 85.минута резултатот гласеше 0:0. Тоа можеше да го казни Каланоски, имаше добра можност но за малку го промаши голот.
Во 89.минута Ѓорѓиевски му избега на Билали, овој фаулираше и доби црвен картон. Од слободен удар Милосављевиќ шутираше, но Ерсу одбрани.
На крајот тие почетни 0:0.
Утре се играат сите останати мечеви од 26.коло во ПМФЛ, и тоа со почеток од 15 часот.