Викендов на програмата се мечевите од 26.коло во нашата елитна лига. Попладнево од 15 часот во Кратово домашниот Силекс го дочекува Гостивар, додека сите останати мечеви се играат утре, исто од 15 часот.
Кратовци под водство на стратегот Александар Васоски конечно почнаа да играат како што им доликува. Па така на последните три средби имаат две победи и едно реми, она во Кавадарци кај Тиквеш кога Марко Ѓорѓиевски погоди во 90+5.минута за бод.
Претходно тимот на Васоски дома славеше со Македонија ЃП и Брера, па така од 9 можни освоени се 7 бодови, што покажува дека Силекс како што одминува времето игра се подобро и подобро.
Затоа само победа е во мислите на сите во тимот од Кратово.
Што да се каже за Гостивар? Без пораз цели 6,5 месеци и минатиот викенд шок, неверојатен пораз од Македонија ЃП со 1:4 и тоа дома.
Скапиот тим на Гостивар не само што ги шокира своите фанови, туку со овој пораз ја шокираше и цела спортска јавност во Македонија па и пошироко. Никој не може да сфати како тоа Гостивар дома да загуби со 1:4 и тоа од „лавовите“ кои до тој меч беа последни на табелата.
Секако, ова е работа и ова е проблем за луѓето во клубот од Гостивар.
Ќе видиме денеска во Кратово, како и дали гостиварци заздравија од шокот или ќе го повторат оној смешен настап од минатата недела на свој терен против Македонија ЃП.