Македонската женска ракометна репрезентација победнички го затвори квалификацискиот циклус, на последниот меч ја совлада Литванија со 34-24. Иако нашите девојки претходно го обезбедија местото на Европското првенство, сепак со стил го завршија овој циклус.
Македонија групата ја заврши на второто место со скор четири победи и два порази. Противниците на претстојниот континентален собир ќе бидат познати на 18-ти овој месец. ЕУРО 2024 ќе се одржи во три земји: Австрија, Унгарија и Швајцарија.
За нашиот национален тим ова ќе биде седмо учество, второ по ред, прво обезбедено преку квалификации после 12 години.
Мицевска запиша седум одбрани, сите во прво полувреме. Седлоска и Ризоска со по шест гола беа први стрелци. Зад нив беше Младеновска со четири гола.
Гостинките кои беа под притисок им требаше победа за пласман на еврошампионатот, мечот го отворија (0-1), но нашите девојки одговорија со три гола и поведоа со 3-1 во петтата минута. Македонија за кратко време дојде до нови плус два (4-2). Литванките имаа краток блесок, успеаја да се вратат во игра, да изедначат. По 7-7, Мицевска со серија од три одбрани ги мотивираше своите соиграчки и на крилата на Ѓорѓиевска, Маџовска и Саздовска поведе со плус три (10-7) во 18 минута. Осум минути подоцна со голот на Ива Младеновска и Ризоска, Македонија поведе со 16-9. На одморот резултатот беше 18-12.
Во вториот дел нашите ракометарки на почетокот играа како под ноти, поведоа со 23-14 во 35 минута. Се чини раната голема позитива придонесе мало опуштање на теренот, во еден момент противникот се доближи на 27-23, но не успеа целосно да се закани и покрај бројните обиди. Македонија ја стабилизира играта и на крајот сосема заслужено се радуваше. На крајот дојде до двоцифрени 34-24.