Пелистер остана со празни раце, Вардар не дозволи шампионско славје во Скопје (ФОТО)

1283

Празник на ракометот во СЦ „Јане Сандански“, Вардар 1961 и Пелистер одиграа одличен натпревар како што доликува на едно дерби. Победникот овој пат беше најтрофејниот колектив, „црвено-црните“ славеа со 24-20 и не им дозволија на битолчани уште денеска да слават титула. За тимот на Бранислав Ангеловски ова беше прв пораз во пелј-офот, сега разлика е само два бода. Актуелниот првак титулата ќе ја бара против ГРК Охрид, тоа ќе биде клучниот меч.

Мартин Томовски повторно беше главна фигура, запиша 13 одбрани. Јасухира постигна шест гола, по четири гола имаа Георгиевски, Родригез и Петриќ. На другата страна Цехте имаше шест гола.

Жестоко почна големото дерби. Вардар ја имаше предноста во текот на целото прво полувреме, Лазаревски го отвори мечот, а во 10. минута неговиот тим поведе со плус два (5-3) со голот на Родригез. Пелистер на другата страна успеа да се врати од оваа и не толку голема негатива, изедначи на 6-6, 7-7 и 8-8, по што на другата страна домаќинот на крилата на Томовски, со головите на Јасухира и Родригез поведе со 10-8, не искористи шанса да дојде на плус три. Вардар имаше неколку ситуации кои можеше да ги круниса многу подобро за позитива од три гола. Казната брзо стигна, противникот израмни на 10-10, на полувреме резултатот беше 12-11, најава за нови возбудливи минути.

И така беше, се играше гол за гол, со тоа што Вардар беше еден гол напред, a Пелистер на самиот почеток не искористи шанса да поведе за првпат на мечот, Томовски беше виновникот за тоа. Во 38. минута, по голот на Јасихира, следеше одбрана на Томовски и гол на Петриќ за 16-14. Пелистер конечно успеа да го запише првото водство, во 42. минута беше 17-18.

Јасухира израмни на 18-18, Петриќ не искористи за враќање на водството, Кузмановски со третиот погодок ја врати минималната позитива (18-19) речиси на средината на второто полувреме. По два напади без реализација на двете страни, Џукиќ израмни на 19-19 во 48. минута.

Томовски со нова одбрана нешто подоцна го подигна својот тим, кој се врати на голема врата. Пелистер влезе во серија на грешки, Вардар преку Јасухира со два гола и Родригез ја вратија позитивата, во 55 минута беше плус три 23-20. Домаќинот на двапати не ги искористи грешките на Кузмановски, Јасухира не реализираше од седум метри. Но, Пелистер беше очаен. Печат на мечот стави Гоце Георгиевски, рализираше за 24-20 на нецели две минути. Не остана време за било што, се чекаше конечниот резултат.

ПретходноМансини избегна сериозна казна за веењето на знамето со стаорец
СледноВардар 1961 им порача на битолчани: За титулата треба повеќе (ФОТО)